• сабота, 16 мај 2026

Во Кавадарци отворена Велигденска изложба на ракотворби 

Во Кавадарци отворена Велигденска изложба на ракотворби 

Кавадарци, 9 април 2026 (МИА) - Велигденска изложба на ракотворби, беше отворена синоќа во Домот на културата „Иван Мазов - Климе“. На настанот беше кажано дека оваа година, изложбата обединува 29 учесници, секој со свој уникатен израз, вештина и љубов вложена во делата.

- По повод големиот христијански празник Велигден, симбол на надежта, обновата и новиот почеток, традиционално, по втор пат, се собираме со една ваква прекрасна изложба, заедно да ја прославиме убавината на творештвото и духот на нашето културно наследство, рече Марина Убавкова, организатор на настанот. 

Таа истакна дека е ова богатство од разновидни ракотворби, слики, икони, велигденски декорации изработени од различни материјали, украсени велигденски јајца, традиционални народни облеки, рачно ткаени прекривки и многу други внимателно изработени украси. 

Создадени во чест на овој светол празник, нагласи таа, овие дела носат во себе приказна за верата, за традицијата, за семејството и за рацете што создаваат со љубов. 

- Токму преку ваквите уметнички настани ја чуваме и ја пренесуваме нашата култура на идните генерации. Нека оваа изложба биде потсетник дека уметноста и традицијата живеат преку луѓето, преку сите вас кои творите, поддржувате и ја негувате оваа убавина, подвлече Убавкова. 

Пред присутните се обрати и директорот на Културниот дом, Методи Глигоров. свд/нд/

Фото: МИА 

 

 

 

 

Остани поврзан